Skip to main content

Posts

Showing posts from 2015

Зголемување на пензиите, потреба или ирационалност?

Исплатените пензии во месец септември беа за 621 денар повисоки од претходните. Дополнително зголемување на пензиите е предвидено во дополнетиот предлог буџет за 2016 година. Додека 297.179 пензионер во земјава (ПИОМ) се радуваат на ваквото покачување, во јавноста се разгорува дебатата дали овој чекор на владата е потребен, рационален, издржан и во право време.  Неколку насоки на размислување кои укажуваат на нерационалноста за зголемување на пензиите, се следните:  Прво, пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатата година е околу 3 %,  додека растот на пензиите е 5%, што го надминува капацитетот на економијата. Графикон 1 покажува дека ваквиот „неусогласен“ тренд започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите, скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година, економијата во просек растела за 3,1% а пензиите за 2,

Колку јавната администрација ја чини државата?

Во изминатиот период актуелна е темата колку има вработени во јавниот сектор. Со оглед на тоа дека нема конкретни информации на тоа колку луѓе се вработени во јавната администрација, бројките се енигма. Многубројните огласи за вработување на Агенцијата за Администрација создаваат слика дека државата е впрочем и најголемиот работодавач и двигател на вработеноста во Македонија. Но, покрај квантитетот на огласите, јавниот сектор е атрактивен и од аспект на плата. Вработените во јавната администрација во просек добиваат 18% повисока плата од просекот на цела земја. Според Државниот Завод за Статистика, просечната нето-плата по вработен во 2014 била 21.393 денари, додека просечната плата во јавната администрација и одбраната изнесувала 25.252 денари. Следствено, се појавува прашањето колку ја чини државата јавната администрација? Во просек, на годишно нивно, државата троши околу 22 милијарди денари за плати и надоместоци на јавната администрација. Иако, овој издаток не забележува драстичен

Испратени пари

Во потрага по парче леб и подобар живот, дури 247 милиони луѓе во светот живеат и работат надвор од својата татковина и во 2014 година им испратиле 436 милијарди долари на своите семејства што останале да живеат дома. Во Македонија, во 2014 година, влегле 367 милиони долари по основ на дознаки, што е  најмал износ во однос на примените дознаки во земјите од регионов. Но тоа не значи дека овој износ не е доволен, бидејќи истиот изнесува 3.7% од БДП и е далеку поголем од примените странски директни инвестиции и официјалната развојна помош, 127 и 252 милиони долари соодветно. Тоа значи дека државата ужива големи придобивки од овие средства и токму таа треба правилно да го канализира и поддржи засега неискористениот развоен потенцијал на овие средства.  Графикон: Примени дознаки во 2014 година Но, не „ужива“ само државата. Најголеми придобивки од примените дознаки имаат токму примателите на овие средства. Во земјава, 20% од семејствата примаат, во просек, по 2500 евра д

Колку евра должи Македонија?

Бруто надворешниот долг на Македонија на крајот на првиот квартал годинава изнесува 6.185 милијарди евра, односно 68.7% од БДП. Скоро половина, односно 3.024 милијарди евра е јавен долг, односно долг на државата, централната банка, јавните банки и јавните претпијатија, а остатокот му припаѓа на приватниот сектор. Графикон 1 покажува дека најголеми јавни должници се државата и јавните претпијатија, кои должат речиси 90% од вкупниот јавен долг. Надворешниот долг е износ на обврски кон нерезиденти. За само три месеци, надворешниот долг на земјава се зголемил за 230 милиони евра. Најголем дел од ова зголемување се должи на зголемените обврски на НБРМ по однос на репо договори и зголемените обврски на нефинансиските институции, 258 и 61 милиони евра, соодветно. За разлика од нив, обврските на државата и банкарскиот сектор кон нерезиденти е намален во однос на последниот квартал од 2014 година за 104 и 12 милиони евра, соодветно. Државата како должник, е најинтересна за анал

(Не) еднаквост на можности

Сиромаштијата и нееднаквоста во Македонија имаат незначително подобрување во последните години. Подобрувањето е главно водено од трансферите за пензии (прв график). Но, најранливите и исклучените семејства не го чувствуваат ова подобрување. Стапката на сиромаштијата кај невработените е 44% (втор график), кај самохран родител со издржувани деца е скоро 30%, а кај домаќинства со двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца е скоро 50%. За разлика до пред неколку години, кога за овој проблем многу малку се зборуваше, сега забележуваме поголема свест и дебата дека овој проблем постои. Но, реално, не се преземаат (или се многу малку) мерки кои ќе го решат на долг рок. Од досега преземените мерки, сите се главно парични: незначително зголемување на социјална помош, детски паричен додаток, паричен додаток за инвалидитет, еднократна парична помош. Паричните бенефити ги ублажуваат проблемите, но не ги решаваат трајно бидејќи не им вградуваат вештини на луѓето, не им ја зголемуваат нивната и

Новиот закон за хонорари вроди со плод!?

Измените во законот за хонорари предизвикаа бура реакции. Протестираа, дебатираа, анализираа, но загрозените страни не успеаа да го спречат неговото воведување. Од 1 јануари годинава истиот започна да се применува. Иако постојат многу нејаснотии за тоа кој, каде и кога треба да ги плати придонесите за примениот хонорар, сепак законот некако функционира. За неговата успешност говорат и фактите. Владата веќе почна да ги чувствува придобивките од овој закон. И фондот за пензиско и инвалидско осигурување и фондот за здравствено осигурување бележат зголемување на приходите од наплатени придонеси во првите четири месеци од годинава. Ако до лани, приходите од придонеси растеле во просек за 4%-5% во однос на претходната година, генерално заради вообичаениот раст на вкупната економија, годинава, особено последните два месеци од анализираниот период, растот на приходите од придонеси бележи значително повисоки стапки на раст и во двата фондови. Фондот за здравствено осигурување во март и април г

НЕАДЕКВАТЕН ПРОСЕК

За работните и финансиските услови на работниците се зборува многу, ама не се превзема ништо за нивно подобрување и унпаредување. Едни се жалат дека работат во нечовечни услови, со кабли премачкани со отров за глувци и во простории каде темпертатурата на воздухот е под нула, други дека земаат минимална плата која едвај ги покрива трошоците за транспорт до работното место. Наместо  да се борат за своите права и унапредување на работничките услови, повеќето го поминуваат 1-ви мај на скараџиски начин. Типичен отсјај на македонскиот менталитет. За условите во кои работат нема мерлива единица. Секој „ужива“ во нив на свој начин. Но за платеноста на работниците, има што да се каже. Според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето плата во февруари годинава изнесувала 21.104 денари. Највисоки примања имаат вработените во финансискиот и осигурителниот сектор, снабдување со електрична енергија, и областа на информации и комуникации. Да се биде земјоделец или админист

Буџетска сложувалка

Нови, но непланирани мерки за подобрување на социјалниот статус на неколку групи граѓани, се воведоа последниов месец. Таблети за ученици, зголемени плати за полицијата, социјална помош, стипендии и нови мерки за вработување..., мерки кои ќе го чинат буџетот најмалку 500 милиони денари, што изнесува околу 0,3% од вкупните расходи. Дискутабилно е дали овие средства се многу или малку, но потребно е да се знае какви ефекти ќе предизвикаат врз корисниците и од каде ќе се финансираат. Најавата за поголема социјална помош веројатно ќе израдува широка маса граѓани, но реално ова покачување нема да го реши проблемот со сиромаштијата, ниту пак ќе ги реши проблемите на сиромашните лица. Потребни се поструктурни промени како овозможување еднакви можности за најсиромашните, зголемување на нивната инклузија во општеството, поттикнување на нивната вработливост и градење вештини и најзначајно, зголемување на можностите за образование. Кај можностите за образование, наместо мерки фокусирани на

Војна на валути, кој добива а кој губи?

Вредноста на доларот во изминатиот период постојано расте. Јакнењето на американското стопанство, значително помалите загуби на работните места во однос на очекуваните во САД и лошите изгледи за пораст на другите валути од другите делови на светот ја зголемија вредноста на доларот. Истовремено, еврото слабее. Ова се должи на неколку фактори кои се случуваат во исто време. Прв фактор е тоа што Европската централна банка започна масивна програма на квантитативно олеснување. Тоа значи дека во следните 18 месеци 60 милијарди евра ќе бидат инјектирани во Европската економија. Овој потег ќе биде проследен со намалени референтни каматни стапки, како “битка” со дефлацијата во Еврозоната. Во истиот период кога Европската централна банка ја намалува референтната каматна стапка, Федералните резерви на САД водат монетарна политика каде таргетира повисока референтна каматна стапка. Да не го изоставиме еден од поважните виновници за падот на вредноста на еврото, тоа е Грција. Со тоа што беше пролон

50 НИЈАНСИ НЕВРАБОТЕНОСТ

Според најновите податоци на Државниот Завод за Статистика, во последниот квартал од 2014 година, стапката на невработеност падна на рекордно најниско ниво од 27.6%. Стапката на вработеност изнесува 41.5% а стапката на активност 57.4%. Корицата на информацијава е полна со шаренило, но нејзината содржина е во 50 нијанси на црно. Тажно е што 27.6% е рекорд во најниска стапка на невработеност. Уште потажно е што стапката на невработеност на млади е речиси двојно повисока, 50.4%. Според властите, стапката на невработеност се намалила како резултат на владините активни мерки за намалување на невработеноста. Нели овие мерки се насочени за вработување токму на млади лица? Ако е така, тогаш тие не се факторот што придонел за „рекордната“ стапка на невработеност, бидејќи стапката на невработеност на младите не само што не се намалила, туку истата е зголемена во однос на истиот квартал од претходната година за 0.1 процентен поен. Доказ за тоа се кафулињата кои во 12 часот на пладне вријат

Осмомартовски (не) еднаквости (портали: Фактор и Окно, 08.03.2015)

Секој осми март може да се забележи една иста слика: се подаруваат цвеќиња, кармини и слични дреболии, се прославува по ресторани и кафулиња и се организираат различни веселби по повод денот на жената. Зарем жените се толку еднакви во општеството па повеќе нема за што да се борат? Само 39.5% од вработените се жени, а дури 64% не се активни на пазарот на труд. Сеуште, во нашето општество имаме стереотипни размислување дека грижата за семејството и децата е главно  обврска на жената. Тоа го покажува и статистиката, бидејќи скоро половина од жените кои не се активни на пазарот на труд, како причини ги наведиле грижата за семејните обврски (34%) и одгледувањето деца и стари лица (10%). Од друга страна се вработените жени, кои успеале да се вклучат во општеството, финансиски се помалку зависни и се борат нивниот глас да се слушне и да предизвика некоја промена. Но, повторно постои нееднаквост. Нивните колеги мажи во просек имаат повисока плата за дури  10%. Дополнително, напредокот

За Русите или за Американците?

Македонскиот трговски дефицит не е ништо ново. Тоа е континуиран процес, кој од година во година само се продлабочува. Секоја година увезуваме многу повеќе производи и услуги, отколку што извезуваме. Според државниот завод за статистика, во 2014 година трговскиот дефицит изнесува 2 342 884 илјади американски долари. Интересен е фактот дека 76.6% од вкупната трговска размена на Македонија е реализирана со земјите од ЕУ28 и 14% со земјите од Западен Балкан.  Уште поинтересен пак, е податокот дека нешто повеќе од 50% од меѓународната трговија се одвива само со пет земји: Германија, Велика Британија, Италија, Грција и Србија. Речиси милијарда килограми нафта биле увезени во земјава во текот на 2014 година, и за истата биле исплатени 700 милиони американски долари. Со оглед на тоа дека Македонија не располага со извори на нафта, овој увоз можеби е оправдан. Но увоз на 212 милиони килограми жито во земјоделска Македонија, нав

Грбот на најкревките крепи најмногу (портал Окно, 21.01.2015)

Од почетокот на оваа година, хонорарците ќе треба да плаќаат дополнителни 25% на остварениот приход. Да се нудат решенија сега е веќе доцна, но кои се тие лица што ќе го искрепат овој товар? Лицата што остваруваат приходи по основ на договор за повремено вршење услуги се скоро најсиромашни, со просечен годишен приход од 78.038 денари. Правото за остварување пензија за овие лица изгледа како гулаб на гранка. За да остварат пензија, тие треба да имаат минимум 15 години работен стаж, а многу веројатно е дека овие лица не се ангажирани 12 месеци годишно, па тогаш овие 15 години ќе се претворат во 30. Нивниот и онака низок стандард дополнително ќе осиромаши. Втората категорија лица што ќе плаќаат дополнителни 25 % се оние со приходи по основ на авторски права и права од индустриска сопственост, чиј просечен годишен приход е 152.273 денари. Ова се лица чиј стандард е на средината на скалата на доходот, но според просекот, повторно, тоа не се ни оддалеку богати лица. Дополнително, тие кре