Skip to main content

50 НИЈАНСИ НЕВРАБОТЕНОСТ

Според најновите податоци на Државниот Завод за Статистика, во последниот квартал од 2014 година, стапката на невработеност падна на рекордно најниско ниво од 27.6%. Стапката на вработеност изнесува 41.5% а стапката на активност 57.4%. Корицата на информацијава е полна со шаренило, но нејзината содржина е во 50 нијанси на црно.

Тажно е што 27.6% е рекорд во најниска стапка на невработеност. Уште потажно е што стапката на невработеност на млади е речиси двојно повисока, 50.4%. Според властите, стапката на невработеност се намалила како резултат на владините активни мерки за намалување на невработеноста. Нели овие мерки се насочени за вработување токму на млади лица? Ако е така, тогаш тие не се факторот што придонел за „рекордната“ стапка на невработеност, бидејќи стапката на невработеност на младите не само што не се намалила, туку истата е зголемена во однос на истиот квартал од претходната година за 0.1 процентен поен. Доказ за тоа се кафулињата кои во 12 часот на пладне вријат од младина, метежот низ улиците во секоја доба од денот и се поголемиот број познаници кои „туристички“ заминуваат по белиот свет, заработувајќи како бејбиситери, келнери и кувари.


Во книгава со наслов „За невработеноста“ се е тажно. Тажна е и улогата на образованието. Ако ја разгледаме структурата на невработените лица според степенот на образование, не удира шок. Најголем дел од невработените лица се со четири годишно средно образование (46%) и со високо образование (15%). Онаа народната „Учи синко за да не работиш“ се исполнува. Ама во сосема спротивен концепт.




И на крај, тажно е и времето на објавување на податоците за невработеноста. Досегашната пракса, прво да се објават податоци за БДП, а потоа за невработеноста, е прекршена. Дали е тоа направено од желба што побрзо да ги израдуваат македонските граѓани со ваква ударна информација, или за да го загаснат фитилот што гори, проценете сами. 

М-р Деспина Петреска
Економски аналитичар во "Finance Think"

Comments

Popular posts from this blog

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагор...

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од...

Осмомартовски (не) еднаквости (портали: Фактор и Окно, 08.03.2015)

Секој осми март може да се забележи една иста слика: се подаруваат цвеќиња, кармини и слични дреболии, се прославува по ресторани и кафулиња и се организираат различни веселби по повод денот на жената. Зарем жените се толку еднакви во општеството па повеќе нема за што да се борат? Само 39.5% од вработените се жени, а дури 64% не се активни на пазарот на труд. Сеуште, во нашето општество имаме стереотипни размислување дека грижата за семејството и децата е главно  обврска на жената. Тоа го покажува и статистиката, бидејќи скоро половина од жените кои не се активни на пазарот на труд, како причини ги наведиле грижата за семејните обврски (34%) и одгледувањето деца и стари лица (10%). Од друга страна се вработените жени, кои успеале да се вклучат во општеството, финансиски се помалку зависни и се борат нивниот глас да се слушне и да предизвика некоја промена. Но, повторно постои нееднаквост. Нивните колеги мажи во просек имаат повисока плата за дури  10%. Дополнително, н...