Skip to main content

(Не) еднаквост на можности

Сиромаштијата и нееднаквоста во Македонија имаат незначително подобрување во последните години. Подобрувањето е главно водено од трансферите за пензии (прв график). Но, најранливите и исклучените семејства не го чувствуваат ова подобрување. Стапката на сиромаштијата кај невработените е 44% (втор график), кај самохран родител со издржувани деца е скоро 30%, а кај домаќинства со двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца е скоро 50%. За разлика до пред неколку години, кога за овој проблем многу малку се зборуваше, сега забележуваме поголема свест и дебата дека овој проблем постои. Но, реално, не се преземаат (или се многу малку) мерки кои ќе го решат на долг рок. Од досега преземените мерки, сите се главно парични: незначително зголемување на социјална помош, детски паричен додаток, паричен додаток за инвалидитет, еднократна парична помош. Паричните бенефити ги ублажуваат проблемите, но не ги решаваат трајно бидејќи не им вградуваат вештини на луѓето, не им ја зголемуваат нивната интегрираност во опшеството, самоодржливост и можноста за излегување од сиромаштијата.


Во едно теренско истражување, интервјуиравме мајка од семејство со двајца невработени и издржувани деца. Семејството користеше социјална помош, но децата не одеа на училиште. На прашањето зошто не одат во училиште, мајката со тага објасни: „Се срамат. Кога другарчината јадат, јас немам ниту 10 денари за кифла да им дадам. А, и облеката не е соодветна, зимно време одат со скинати патики, може да се разболат“. Овој одговор ми предизвика бура мисли, за ефективноста на паричната помош, за мултидимензионалните проблеми на семејствата, за можноста да успееш во зависност од „среќата“. 

За решавање на проблемот со сиромаштија и нееднаквоста, потребни се мерки кои на луѓето ќе им овозможат еднакви можности и кои водат кон долгорочни промени на нивните карактеристики: еднакви можности за образование, здравство, вработливост. Можностите треба да постојат уште од градинка. Така, можноста за пристап до градинка за децата од социјални семејства ќе ги интегрира во образовниот процес уште од најрана возраст, а на мајката ќе и овозможи слободно време за работа. Бесплатниот оброк во училиште, униформа или облека за училиште, ќе придонесат децата со задоволство ќе посетуваат настава. Прво, нема да се чувствуваат нееднакви. Второ, повисокото образование ги зголемува шансите за искачување на повисока социјална скала и побрзо излегување од сиромаштијата. Дополнително, бесплатни дополнителни обуки, како втор јазик, за децата од ранливи и исклучени семејства ќе пружат еднакви образовни можности, вештини, и едукација која ќе им ги отвори вратите подоцна во животот. Еднакви можности за пристап до здравствени услуги се друга форма на непарични мерки: не само бесплатни услуги за најранливите, туку и редовните посети од здравствени работници, посебно во руралните средини, ќе води кон поздрава нација и попродуктивна работна сила. И на крај, поеднакви можности ќе овозможат мерки за поголема вработливост, како обуки, доедукација, преквалификација и менторство за возрасни-тешко вработливи лица, кои ќе им овозможат поголема самоодржливост. Да не заборавиме, проблемот на сиромаштија е мултидимензионален, и потребни се мултидимензионални мерки за решавање.

Благица Петрески, докторант
Извршен директор во Finance Think

Comments

Popular posts from this blog

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагор...

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од...

Осмомартовски (не) еднаквости (портали: Фактор и Окно, 08.03.2015)

Секој осми март може да се забележи една иста слика: се подаруваат цвеќиња, кармини и слични дреболии, се прославува по ресторани и кафулиња и се организираат различни веселби по повод денот на жената. Зарем жените се толку еднакви во општеството па повеќе нема за што да се борат? Само 39.5% од вработените се жени, а дури 64% не се активни на пазарот на труд. Сеуште, во нашето општество имаме стереотипни размислување дека грижата за семејството и децата е главно  обврска на жената. Тоа го покажува и статистиката, бидејќи скоро половина од жените кои не се активни на пазарот на труд, како причини ги наведиле грижата за семејните обврски (34%) и одгледувањето деца и стари лица (10%). Од друга страна се вработените жени, кои успеале да се вклучат во општеството, финансиски се помалку зависни и се борат нивниот глас да се слушне и да предизвика некоја промена. Но, повторно постои нееднаквост. Нивните колеги мажи во просек имаат повисока плата за дури  10%. Дополнително, н...