Skip to main content

НЕАДЕКВАТЕН ПРОСЕК

За работните и финансиските услови на работниците се зборува многу, ама не се превзема ништо за нивно подобрување и унпаредување. Едни се жалат дека работат во нечовечни услови, со кабли премачкани со отров за глувци и во простории каде темпертатурата на воздухот е под нула, други дека земаат минимална плата која едвај ги покрива трошоците за транспорт до работното место. Наместо  да се борат за своите права и унапредување на работничките услови, повеќето го поминуваат 1-ви мај на скараџиски начин. Типичен отсјај на македонскиот менталитет.

За условите во кои работат нема мерлива единица. Секој „ужива“ во нив на свој начин. Но за платеноста на работниците, има што да се каже. Според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето плата во февруари годинава изнесувала 21.104 денари. Највисоки примања имаат вработените во финансискиот и осигурителниот сектор, снабдување со електрична енергија, и областа на информации и комуникации. Да се биде земјоделец или административец е најлошо во однос на примената плата. Овие две категории се најмалку платени, во просек со 15.195 и 14.949 денари соодветно. Ама ни едните ни другите не бараат повеќе. Првиве, спасот го гледаат во субвенциите, а мнозинството од вториве и онака нишаат врата и земаат плата. Доволна им е.




Степенот на образование игра клучна улога во заработувачката на работниците. Оние со завршено високо образование во просек заработуваат околу 500.000 денари годишно, за разлика од 200.000 денари што ги заработуваат работниците без основно образование. Иако има голема разлика дали си маж или жена. Но оваа борба е друга. На 1-ви мај треба сите рамноправно да се бориме.




Најголем проблем при интерпретацијата на индикаторот за просечна плата е недостатокот на индикатор за медијална или средна плата, кој се однесува на износот на плата што го дели збирот на сите плати на два еднакви дела – половина од сите плати е под овој износ, а другата половина над. Овој индикатор никој и никогаш не го објавил, од (не)оправдани причини, бидејќи вистината за него ќе ја оцрни сликата за просечната плата. Тоа е доказ дека статистиката сепак, не е политички неутрален инструмент. Според некои пресметки, медијалната плата во Македонија изнесува 12.000 денари. Тоа значи дека ако 50% од примателите на плата се под 12.000 денари, најверојатно 70%-80% се под просечните 21.104 денари. Поразителен податок, кој кажува дека само 20% од вработените земаат повисока плата и го влечат просекот нагоре. Екстремните разлики во приходите ја прават просечната плата неадекватна мерка и лажен индикатор за животниот стандард во земјава. Потврда за ова е и бројот на лица што ги познавате а земаат плата над просечната. Веројатно се бројат на прсти. 

М-р Деспина Петреска
Економски аналитичар во Finance Think

Comments

  1. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Почитуван Иван,

      Ви благодарам за коментарот и за пофалните зборови за Finance Think. Анализата е крајно објективна, со оглед на тоа што се базира на податоци превземени од Државниот завод за статистика.

      Менталитетот е начин на размислување или навика на една група, понекогаш и на еден народ, во случајов Македонци. Скараџиски менталитет значи „размислување“ на македонскиот народ дека 1-ви мај мора да се празнува во природа, со скара, пиво и сл, наспроти вистинската цел на овој празник, да им се оддаде почит на загинатите од протестот во Чикаго, кои се „бореле“ за воведување на 8-часовен работен ден, во кој ние денес уживаме. Не се сложувам со вас дека 1-ви мај е, цитирам „ еден ден во годината (кога времето е идеално за излет) што многумина го користат за релаксација од нечовечните услови во кои работат“. Тешко на тие многумина, ако останатите 364 дена мора да работат во нечовечни услови.

      Со оглед на тоа што ниту земјоделците, ниту административците, не излегоа да се борат за своите работнички права, значи дека се задоволни и со условите и со платите. Дали знам како се пресметува просечната плата на земјоделците? Исто како и просечната плата на вработените во осигурителниот, финансискиот или било кој друг сектор. Цитирам: „Тоа што регистрираните земјоделците имаат de jure ниски примања (а најголем дел се регистрираат исклучиво заради правото на субвенции), не ги одразува реално нивните вистински примања од продажбата на производите.“ Прво, мислам дека тие имаат de facto ниски примања, а не de jure, како што вие пишувате. Со ниеден закон не е пропишана висината на нивните примања, туку според факти (во случајов податоци од ДЗС) тие се најмалку платени во нашето општество. Второ, и сами пишувате дека „... не ги одразува реално нивните вистински примања од продажбата на производите“. И јас го пишувам истото, дека просечната плата не е реален индикатор за примањата и животниот стандард во земјава.

      Во однос на половата дискриминација, бидејќи не сте жена, не знаете дека воопшто не е тешко да се борите рамноправно за своите права. Зошто би ве пратила вас (или било кој друг), како маж, да се борите за моите права?

      Користам фраза „Според некои пресметки“, бидејќи истите се неофицијални и не бев во можност да го наведам изворот. Бидејќи се претставувате како економски аналитичар, пресметајте ја медијалната плата, па уверете се дека не грешам. Со оглед на тоа дека поединци и држави ја пресметуваат, значи дека тоа не е невозможно. И зошто мора да бидеме следбеници, наместо лидери (на државите на ОЕЦД), па ние да ја наметнеме потребата за објавување на овој индикатор?

      Како аналитичар, треба да сте многу блиски со статистиката. А законот за веројатност е јадро на статистиката. „Најверојатно“ во овој контекст значи дека веројатноста (која по закон се движи од 0 до 1) дека „платата на 80% од работниците е под просекот“е мн поблиску до 1, но не е 100%. А во вториот случај „веројатно се бројат на прсти“, за некои луѓе веројатноста е поблиска до 0 а за други до 1. Во која група сте вие, определете си сами.

      И за крај, не сум воопшто запрепастена од разликите во приходите, не знам од каде добивте таков впечаток. Само сум запрепастена од тоа дека на народот им се наметнува просечната плата како индикатор за животниот стандард во земјава. Ако, како што пишувате, во либерална економија, некои работници земаат 100 евра, а други 1.000.000 евра, дали тоа значи дека во просек, сите земаат 500.050 евра?

      Поздрав,
      Деспина

      П.С Во „извор“ се пишува „пресметка на авторот“ за да на читателот му се укаже дека авторот вложил (било колкав) труд за да го конструира графиконот (во овој случај). Во спротивно, читателот би имал впечаток дека графиконот е превземен од Државниот завод за статистика.

      Delete
    2. This comment has been removed by the author.

      Delete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции