Skip to main content

Буџетска сложувалка

Нови, но непланирани мерки за подобрување на социјалниот статус на неколку групи граѓани, се воведоа последниов месец. Таблети за ученици, зголемени плати за полицијата, социјална помош, стипендии и нови мерки за вработување..., мерки кои ќе го чинат буџетот најмалку 500 милиони денари, што изнесува околу 0,3% од вкупните расходи. Дискутабилно е дали овие средства се многу или малку, но потребно е да се знае какви ефекти ќе предизвикаат врз корисниците и од каде ќе се финансираат. Најавата за поголема социјална помош веројатно ќе израдува широка маса граѓани, но реално ова покачување нема да го реши проблемот со сиромаштијата, ниту пак ќе ги реши проблемите на сиромашните лица. Потребни се поструктурни промени како овозможување еднакви можности за најсиромашните, зголемување на нивната инклузија во општеството, поттикнување на нивната вработливост и градење вештини и најзначајно, зголемување на можностите за образование. Кај можностите за образование, наместо мерки фокусирани на зголемување на образованието и вештините на најранливите граѓани, поттикнување и поддршка на талентирани деца од сиромашни семејства и воведување образовни програми кои ќе го подигнат квалитетот на образованието, се воведува мерка за купување таблети. Истовремено се воведоа и нови мерки за вработување за млади лица до 35 години и повозрасни граѓани. Овие мерки имаат структурна компонента, насочени се кон решавање на еден од најголемите проблеми во земјата, невработеноста. Кај младите, овие мерки ќе ја зголемат вработливоста и ќе помогнат во спречување на ерозија на вештините, а на возрасните кои останале без работа ќе им ја зголемат социјалната сигурност. Но, овие мерки се само капка во морето, бидејќи учествуваат со само 0,18% во вкупните расходи. 


На крај, останува отворено прашањето што секој граѓанин си го поставува, од каде ќе се финансираат овие непланирани трошоци? Во моментот не постојат позначајни изгледи дека приходите ги надминуваат буџетираните износи, за да послужат како извор за финансирање. Алтернативите се или да се прибегне кон задолжување или да се направи ребаланс на други ставки. Експертската јавност а и меѓународните институции кои ја следат економијата на земјава повеќепати апелираа да се внимава со задолжувањето, а посебно задолжување за непродуктивни цели. И реалокација на средства не е решение со оглед на досегашните искуства кои покажуваат дека најчесто, истата се прави на сметка на капиталните расходи. Има ли Владата соодветен извор на средства за новите мерки, останува мистерија.

Благица Петрески, докторант
Главен економист во Finance Think

Comments

Popular posts from this blog

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагор...

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од...

Осмомартовски (не) еднаквости (портали: Фактор и Окно, 08.03.2015)

Секој осми март може да се забележи една иста слика: се подаруваат цвеќиња, кармини и слични дреболии, се прославува по ресторани и кафулиња и се организираат различни веселби по повод денот на жената. Зарем жените се толку еднакви во општеството па повеќе нема за што да се борат? Само 39.5% од вработените се жени, а дури 64% не се активни на пазарот на труд. Сеуште, во нашето општество имаме стереотипни размислување дека грижата за семејството и децата е главно  обврска на жената. Тоа го покажува и статистиката, бидејќи скоро половина од жените кои не се активни на пазарот на труд, како причини ги наведиле грижата за семејните обврски (34%) и одгледувањето деца и стари лица (10%). Од друга страна се вработените жени, кои успеале да се вклучат во општеството, финансиски се помалку зависни и се борат нивниот глас да се слушне и да предизвика некоја промена. Но, повторно постои нееднаквост. Нивните колеги мажи во просек имаат повисока плата за дури  10%. Дополнително, н...