Се раздвижи пазарот на кредити.
Според Владата, како резултат на својот проект „Купи куќа – купи стан“, а
според експертите како резултат на закрепувањето на економијата. Напоредно со
тоа, порасна задолженоста на македонските домаќинства. Во октомври годинава, нивната
вкупна кредитна задолженост изнесува рекордни 1.7 милијарда евра, што е за 11%
поголема задолженост во однос на лани, односно за 50% поголема задолженост на
граѓаните во однос на 2009 година. Податоците покажуваат раст на задолженоста со денарски кредити и пад на девизните кредити. Во вкупното кредитно портфолио, денарските кредити учествуваат со 94%, а само 6% од вкупните кредити се во странска валута.
Кога не можете да одлеете на новиот
заоблен ЛЕД телевизор, на мирисот на новиот парфем на Валентино, на модерните
чевли од Зара, и ред други работи без кои животот и понатаму нормално би течел,
тука се тие, нивното Височество, банките. Исто како фамозниот Дедо Мраз, тука
се да ги исполнат сите ваши желби. На прв поглед звучи супер, но кога следниот месец ќе ви земат дел од (тешко) заработената плата,
боли и тоа како. Ги боли многу македонски граѓани кои во октомври годинава, на
банките им должеле 755 милиони евра по основ на потрошувачки кредити, сума што е
за 112% повисока од онаа во 2009 година.
Во моментов, најатрактивен е пазарот на
станбени кредити. Ако исполнуваш одредени услови и си роден под среќна ѕвезда
може да добиеш субвенциониран станбен кредит, преку проектот „Купи куќа-купи
стан“. Владата субвенционира половина рата од кредитниот ануитет во првите пет години или
половина учество при купување на нова недовижност. Добар проект за оние кои
немаат друго „чаре“ за да си го решат прашањето за домување. Според последните
податоци, 350 семејства зеле субвенциониран кредит, а вредноста на исплатените субвенции
изнесува 2.5 милиони евра.
„Дом за сите“ е слоганот на
проектот. Според мене, дом за сите, освен за оние поамбициозните. Условот дека
не може предвреме да се отплати ваквиот кредит, ја убива амбицијата на секој
(млад) човек. Амбицијата да се работи и заработи повеќе, за да се отплати
кредитот и да се стекне сопствен дом. Велам сопствен, затоа што станот/куќата
станува твоја сопственост во моментот кога целосно ќе се отплати долгот. Се
дотогаш, недвижноста и припаѓа токму на банката.
И покрај мааните, користа од овој
проект е очигледна. Каматните стапки на станбените кредити се намалија на рекордно
најниско ниво од околу 3%, така што и оние поамбициозните, кои не сакаат да
бидат дел од владиниот проект, може да искористат. Дека навистина користат, говори
и податокот дека задолженоста по основ на станбени кредити во октомври достигна
скоро 350 милиони евра, што е за 15% повисок износ од истиот месец минатата
година. Сепак ефектите би требало да бидат повидливи во последните два месеци
од годинава кога каматните стапки беа позначително корегирани надолу. Како и да
е, раздвижувањето на пазарот на станбени и воопшто, на вкупните кредити, е
евидентно, а експертите предвидуваат и забрзување на кредитниот раст за 9% и
10%, во 2015 и 2016 година респективно. Според нив, овие проекции главно се
условени од остварувањето на претпоставките за закрепнување на економијата,
како главен предуслов за раст на депозитниот потенцијал, за формирање позитивни
очекувања на банките и за поголема склоност кон задолжување, особено на
фирмите.
Се наближува новата година. Во екот на празниците, ви
посакувам здравје, среќа, успех и радост, а за се друго тука е MasterCard J
М-р Деспина Петреска,
Економски аналитичар во „Finance Think”
Comments
Post a Comment