Народот
рекол: “Пушти си ги нозете колку што ти е долга чергата“. Или, троши онолку
колку што имаш. Го почитува ли ова и државата кога ги троши буџетските
средства?
Многу економски
експерти сметаат дека буџетски дефицит до 3% од БДП не само што не е лош
индикатор, туку истиот овозможува раст и експанзија на економијата. Но, на
македонската „черга“ се пуштиле малку подолги „нозе“. Според податоците
презентирани на графикот, буџетскиот дефицит за 2014 година се очекува да биде
3,7% од БДП и бележи пораст за околу 1.5 процентни поени од 2012 година до
денес, споредено со периодот пред тоа.
Прашањето
е што го генерираше ваквиот дефицит во годините после кризата, пониски приходи
или поголемо трошење? На страната на приливите забележан е забавен раст на
даночните приходи, како резултат на негативниот ефект врз потрошувачката и
намалените приходи од ДДВ. Од друга страна, капиталните приходи бележат пораст,
што најмногу се должи на продажбата на државното земјиште по поволни цени. Но, иако
приходите не се намалиле, јавните трошења имале поголем раст и генерирале
буџетски дефицит.
Доколку
ги следиме препораките на признати економисти, кејнзијанската школа и
преземените мерки од развиените земји, со цел да се поттикне потрошувачката и
економскиот раст во услови на економска криза, потребна е државна интервенција
и зголемување на трошењето. Уште во 2008 година Европската Унија донесе план за
стимулирање на трошењето и земјите членки ги зголемија буџетските трошоци.
Оттука, зголеменото трошење е во линија со развиените земји. Но, на што се
трошат буџетските пари, дали и во овој дел сме во иста линија со светските
економии? Во буџетот, тековните расходи се доминантни наспроти капиталните кои
учествуваат со околу 9% од вкупните расходи. Следствено на тоа, од 2009 година
паралелно со порастот на дефицитот забележан е и пораст главно на тековните
расходи: платите на јавната администрација, субвенциите и социјалните
трансфери. За разлика од нас, во стимулативните планови на земјите од ЕУ
првенствено се трошело на инвестиции кои ќе го поттикнат долгорочниот раст, и
тоа: инвестиции во инфраструктура
(Германија), стратешки индустрии
(автомобилска индустрија во Франција, секторот за недвижности во Велика
Британија), поттикнување на енергетски ефикасни технологии, подобрување на
ликвидноста на компаниите и социјални користи за лицата погодени од кризата.
Благица Петрески, докторант
Главен Економист во "Finance Think"
Comments
Post a Comment