Банкарските системи од Централна и Југоисточна Европа се сочуваат со
зголемени ризици по финансиската стабилност. Карактеристично за цел регион е
што стапката на нефункционални кредити бележи тренд на раст. Банкарскиот систем
на Словенија е со најголема опасност, каде нефункционалните кредити на агрегатно
ниво на крајот од 2012 година беа околу 16%. Но, позначајно е што кај трите
најголеми банки, нефункционалните кредити од стапка под 16% во 2011 година пораснале
на над 20% во 2012 година. Дополнително, профитабилноста во земјите од регионот е ниска, а во Словенија
банкарскиот систем има и загуби. Така, банкарскиот систем се соочува со ризик
од недостаток на капитал за покривање на проблематичните кредити и со ризик од несолвентност.
Според истражувањето и направената сензитивна анализа (што претпоставува
целосен отпис на нефункционалните кредити) од ЕУРОПА, на агрегатно ниво, со
недостаток на капитал би се соочиле Црна Гора, Литванија и Унгарија. Според истото истражување на ниво на банка,
со недостаток на капитал се соочуваат Словенија, Украина и Унгарија.
Што ја предизвика ваквата нестабилност? Во периодот пред финансиската криза
од 2008 година, банкарските системи од Централна и Југоисточна Европа имаа висок
прилив на странски капитал. За западно европските земји овој регион беше извор
за профити, стапката на принос во ЦИЕ беше многу повисока од онаа во матичните
земји, па оттука и мотивот за високите приливи на капитал. Од друга страна, во
земјите домаќини, потребата за кредити беше висока, а банките мотивирани од
профитаблноста, ги зголемија апетитите за ризик, па земјите искусија висок
кредитен бум. Во периодите на висок кредитен бум, банките одобруваа кредити и
на лоши клиенти. Кога започна финансиската криза, странскиот капитал ненадејно
запре ( во земјите од централна Европа веќе започна и процес на раздолжување,
односно враќање на позајмениот капитал), извозните пазари пропаднаа, економиите
западнаа во длабока рецесија. Така,
дадените лоши кредити во добри времиња започнаа да се материјализираат и се`
потешко да се наплатуваат.
Во земјите на Југоисточна Европа, каде спаѓа и
Македонија, ризиците по финансиската стабилност се`уште не се алармантни, а
нивото на капитал е високо над бараниот минимум. Но, да не заборавиме дека нефункционалните
кредити се во постојан раст. Исто така, во овие земји странскиот капитал е
високо доминантен во банкарските систем. Така, не може со сигурност да тврдиме дека
процесот на раздолжување ќе ги одбегне овие земји. Приватниот сектор се соочува
со ликвидносни проблеми, а оттука и кредитокорисниците се соочуваат со
неможност да ги враќаат кредитите. Со цел да се ублажат негативните последици
од нефункционалните кредити, но и да се намали нивниот тренд на раст, банките треба
да преземат одредени мерки. Имено, тие првенствено треба да соработуваат со
проблематичните кредитокорисници и да ги преструктуираат и прилагодат условите
на отплата на кредитите согласно можностите за отплата на кредитокорисниците.
На таков начин, бенефитите ќе бидат двострани, банките постепено ќе ги
наплатуваат лошите кредити, додека кредитокорисниците ќе бидат мотивирани да ги
искористат поволните услови, па наместо да ги изгубат хипотеките, ќе се трудат
да ги отплаќаат кредитите.
Благица Петрески, докторант
Главен Економист во "Finance Think"
Comments
Post a Comment