Skip to main content

Заедничка банкарска супервизија во еврозоната и импликациите за нас


Супервизијата на банкарските институции е одговорност на националните влади во Европската Монетарна Унија (Еврозона). Но, должничката криза што, повеќе или помалку, ги погоди земјите од Еврозоната, покажа дека оваа состојба не е одржлива како резултат на прекуграничната поврзаност на нивните банкарски системи. Преку-граничната поврзаност главно се манифестира преку распространетост на една банкарска групација во повеќе земји, како што е грчката Национална Банка на Грција (НБГ), француската Сосиете Женерал, австриската Рајфајзен, германските Дојче Банк и ПроКредит и други. Но, ваквите банкарски институции се соочуваа(т) со двојни регулативи: оние од националните супервизорски тела на земјата домаќин, и оние од националните тела на земјата од банката-мајка. Таквата поврзаност го зголемува ризикот од прелевање на проблемите од една банка на друга банка во групацијата, а со тоа и од една земја во друга. Ризикот од вакво прелевање се нарекува и системски ризик. Големата економска криза низ која сеуште живееме го донесе на сцената и во литературата концептот на системски ризик.

Сепак, со цел да пркосат на причините за создавање и зголемување на системскиот ризик, Европските лидери  на самитот во Јуни 2012 година ја поддржаа иницијативата за формирање Европска Банкарска Унија.Банкарската Унија е единствена регулатива за сите банки, поставена на натнационално ниво, со цел да се овозможи формирање и одржување интегриран европски  банкарски систем. Формирањето Единствен Супервизорски Механизам (ЕСМ) е првиот чекор кон Европска Банкарска Унија. Министрите за финансии на земјите од Европската Унија на 13 Декември 2012 година го поставија Единствениот Супервизорски Механизам, кој започна да се операционализира од почетокот на оваа година и чијашто главна улога е да биде единствен супервизор на спроведувањето не единствената банкарска регулатива на подрачјето на Европската Монетарна Унија.

Покрај економска и монетарна интегрираност на земјите членки, овој чекор ќе обезбеди и финансиска интегрираност на еврозоната. За оваа цел, Европската Централна Банка (ЕЦБ) ја има клучната улога. Имено, ЕЦБ ќе биде одговорна за супервизијата на сите банки во земјите членки на Унијата. Сепак, тоа не значи дека ЕЦБ ќе воспостави директна супервизија врз сите банки (бидејќи ги има многу и со различна големина), но ќе биде одговорна за супервизорската функција како интегрирана функција и тесно ќе соработува со националните супервизорски тела. ЕЦБ ќе има директна супервизија врз системски значајните банки - односно оние банки чие потенцијално пропаѓање може да претставува потрес за националната и европската економија - додека останатите банки ќе бидат супервизирани од националните централни банки, под индиректен надзор на ЕЦБ. Преку супервизијата на сите банки од едно место (ЕЦБ), ќе се овозможи навремено идентификување на системски ризичните банки, и ќе се делува превентивно, односно ЕЦБ и националните централни банки ќе преземаат акции за оневозможување ризиците да се прелеат и врз други банки или земји.


Втората главна цел на ЕСМ е да ги намали негативните последици од финансиската нестабилност врз задолжувањето на една земја, и со тоа да се избегне трансформација на банкарската криза во должничка криза. Искуството од последната глобална криза покажа дека, со цел да се обезбеди финансиска помош за банките со загуби или да се “спасат” цели банкарски системи, земјите се задолжуваа и запаѓаа во должничка криза. Товарот од задолженоста го плаќаа сите граѓани на земјата, или како што беше случајот на Исланд и Грција кога спасувањето на финансискиот систем беше платено со заеднички пари на Унијата.
Единствениот Супервизорски Механизам ќе ги покрива сите земји од Еврозоната, додека земјите кои не се членки, како Македонија, може да се приклучат на доброволна основа. Но, финансиските системи се интегрирани и помеѓу земји кои се и кои не се членки на еврозоната, па и на самата ЕУ. Имено, многу од банкарските групации од земјите членки на еврозоната имаат подружници во земји кои не се членки на Евро-зоната и на ЕУ. Во оваа група е и Македонија. Доколку ЕЦБ има надзор само врз банката-мајката, а системски значајна банка во рамки на групацијата но надвор од Еврозоната, е ризична и проблематична, негативните последици ќе се прелеат и врз банката-мајката, и обратно. Во таков случај, системскиот ризик од прелевање на проблемите во двете насоки не е елиминиран. Оттука, какво ќе биде влијанието на Единствениот Супервизорски Механизам врз земјите кои не се членки, како и кои форми на членство или соработка ќе се развијаат со ЕСМ се се`уште отворени прашања. Едно од решенијата е воспоставување поблиска соработка помеѓу ЕЦБ и националните супервизорски власти на земјите кои не се членки на еврозоната и ЕУ, што укажува на значајноста на ЕСМ за супервизорската функција во Македонија.

Придобивките од членството или соработката со ЕСМ за Македонија би биле поврзани со намалување на системскиот ризик од преку-граничната поврзаност на банкарските системи. Имено, Народната банка на Македонија (како и секоја национална банка), нема информација и чувство за тоа колку останатите банки од групацијата кои се наоѓаат во други земји, се изложени на ризик и која е веројатноста тие ризици да се материјализираат и прелеат. Преку членството во ЕСМ, овој ризик ќе се минимизира. Како земја не-членка на Еврозоната, ние не сме подобни за дел од финансиските придобивки за потенцијално спасување на финансискиот систем, но доколку домашна банка со доминантен странски капитал во Македонија банкротира, како земја која соработува со ЕСМ, ние ќе можеме да добиеме помош за покривање на загубите индиректно преку банката-мајка или преку директните линии за ликвидност од ЕСМ. Оттука, препораката е Народната банка да размисли за воспоставување коридор на соработка со Европскиот Сувервизорски Механиза. Секако останува прашањето дали таа ќе сака да се откаже од дел од своите супервизорски авторитети и дали ќе може брзо да се прилагоди на поставените критериуми од ЕСМ.




Благица Петрески, докторант
Главен Економист во 'Finance Think"

Comments

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции