Skip to main content

Кој сака да биде милионер?

Милионер, колку добро звучи. Тоа е човек чиешто нето богатство е еднакво или надминува еден милион единци од одредена валута. Тоа е најпосакуваниот епитет, кој прв пат е употребен во 1719 година, во Франција. Дефиницијата  ја знаеме сите, а потеклото на зборот и не е толку битно. Нам ни треба рецептот за да го заслужиме овој епитет. т.е. начинот да станеме милионер.

Иако постоеше многу лесен начин да се стане милионер, само да се одговори точно на 20тина прашања, сепак никој не успеа. Тоа само ни докажа дека патот до милионот и не е така лесен. Тоа ќе го потврдат и најбогатите луѓе на светот, кои објаснуваат дека своето богатство го стекнале со многу труд, знаење, ризик. Карлос Слим, Ворен Бафет, Бил Гејтс. Ви звучат познато? Се разбира, сите сакаме да се најдеме во нивно друштво. Да, тоа се луѓето кои седум години во континуитет се наоѓаат на првите 3 места најбогати луѓе на светот според американскиот бизнис магазин „Форбс“. Иако дејствуваат во различни области: финансии, трговија, комуникации, технологија, метална индустрија, сите имаат исти карактеристики. Тие се милијардери, бизнис магнати, инвеститори и едни од највлијателните луѓе во светот. Тие се неприкосновени филантропи кои голем дел од своето богатство го донираат во добротворни организации и научно-истражувачки програми. Тие се луѓето кои го обликуваат светот. Во друштво на овие тројца, има уште 1223 милијардери чие вкупно богатство во 2012 година изнесува 4.6 трилиони долари. Многу нули за броење. И замислете, и еден Македонец е дел од оваа листа. Мајк Илич, кој ја поседува најголемата бизнис империја во Мичиген каде работат над 6000 исселеници. Во 2011 година, неговото богатство беше проценето на 2.6 милијарди долари, што му го донесе 181-то место на листата најбогати луѓе во светот.



Карлос Слим, најбогатиот човек на светот во 2010, 2011 и 2012 година според „Форбс“

Морам да признаам дека интересот за оваа тема го поттикна една статија објавена пред неколку дена во англиското списание “The Economist” со наслов „Колку време е потребно да се заработи 1 милион долари во различни земји?“. Користејќи го годишниот приход пред оданочување што го заработува главата на едно просечно семејство, истражувањето покажало дека во Америка може најбрзо да се стане милионер, отприлика за 20 години, додека јужно од границата, во Мексико, потребни се три века труд за да се стекне истото богатство. На врвот на листата, веднаш после Америка, се наоѓаат Норвешка, Швајцарија и Австралја, каде во просек се потребни 40тина години за да еден просечен жител се закити со титулата милионер, додека пак Романија е единствената земја после Мексико, каде се потребни неверојатни 350 години за да се изгради милионскиот куп кој нареден во банкноти од 100 долари достигнува над 1 метар висина и околу 10 килограми тежина. И нормално, на листата недостасува една земја. Која ако не, мојата Македонија. 

Преку ноќ. Ете толку време е потребно во Македонија, за да се стане милионер. Тука не мислам на еден милион денари, бидејќи тоа и не е кој знае колкаво богатство. Мислам на милиони во двете најсилни светски валути, долари и евра.  Со чест на исклучоците, кои изградија империи во металната, прехранбената, фармацевтската индустрија, најголем број од македонските милионери своето богатство го стекнуваат тргувајќи на берза, други чекорејќи по сивиот пат на економијата, а голем е и бројот на луѓе кои станаа милионери за време на фамозната приватизација. Ајде да се се обидеме да пресметаме колкаво е реалното време за да се заработи 1 милион долари во Македонија, користејќи ги истите мерила како и “The Economist”. Ако просечната бруто плата изнесува 30600 денари месечно, односно 367200 денари годишно, потребни се 125 години за да се заработат 46 милиони денари (1 милион долари во денарска противвредност). Но, ова е Утопија. Како се останато во нашата држава, ниту просечната плата не функционира како реално мерило. Зошто? Бидејќи најголем број работници примаат плата далеку помала од просечната, а само мал број поединци имаат месечни приходи со повеќе нули, кои просекот го влечат нагоре. 

И за крај, дали профилот на македонските милионери ги има карактеристиките кои ги споменавме погоре? Не, тие не се светски моќници, нивната моќ најчесто е ограничена во нашата мала земја. Поголем број од младите милионери, богатството го имаат наследено од своите предци, а не заработено со сопствен труд. Тие веројатно не се филантропи, и несебично не донираат дел од своето богатство, освен ако од тоа имаат некаква лична корист. Чест на исклучоци, како гореспоменатиот Мајк Илич. Но дали освен потеклото, тој поседува нешто друго од македонскиот менталитет?

М-р Деспина Петреска
Економски аналитичар во “Finance Think”

Comments

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции