Skip to main content

Што е посилно: придобивките од приватните трансфери или големиот замав на миграцијата?


Меѓународната миграција – движењето на луѓето помеѓу меѓународните граници – има огромно влијание врз двете земји: земјата на потекло на мигрантот и земјата во која мигрира. Но, можеби подобро е да се каже дека миграцијата има влијание врз светскиот доход. Ако на работникот му се дозволи да работи таму каде што е најпродуктивен, миграцијата ќе резултира со зголемување на светскиот аутпут и доход. Според Обединетети Нации, повеќе од  215 милиони луѓе, што е околу 3% од светската популација, живеат и работат надвор од својата матична земја. Според статистиката на Светска Банка, вкупните приватни трансфери испратени во земјите во развој се движеле од $168 милијарди во 2005 година, $406 милијарди во 2012 година, а се очекува во 2015 година да достигнат $534 милијарди. Овие бројки укажуваат на фактот дека приватните трансфери се најзначајниот извор на девизни приходи, кои ги надминуваат дури и приходите од извоз, странските директни инвестиции, странската помош и другите видови приватни текови.

Постојната литература покажува дека генерално, приватните трансфери го намалуваат нивото и сериозноста на сиромаштијата и често водат до: повисока акумулација на човечки капитал, поголеми трошоци за здравство и образование, поголем пристап до информациски и комуникациски технологии, подобрен пристап до формалниот финансиски сектор, инвестиции во мал бизнис и претприемништво, намалување на детскиот труд и помагање на семејствата да бидат подобро подготвени за негативни шокови како: суши, земјотреси и циклони. Сите овие „последици“ од тековните трансфери, заедно со зголеменото штедење, инвестиции, производство, водат до зголемен економски раст, кој пак е неопходен за зголемување на благосостојбата на луѓето во целина.


Македонците имаат долга традиција за мигрирање. Иако се познати најпопуларните дестинации за миграција (САД, Австралија и Канада), не е познат официјалниот број на македонски мигранти, но се претпоставува дека 350-700 илјади македонци живеат и работат надвор од Македонија. Приватните трансфери претставуваат значаен доход за македонските семејства и значаен извор за финансирање на дефицитот на тековната сметка – од 2007 година тие во просек изнесуваат 4% од БДП. Интересно е тоа што тие имаат нагорен тренд и покрај неодамнешната светска криза – во 2008 година, пред кризата, приватните трансфери изнесуваа €277 милиони,  додека во 2012, после кризата, изнесуваат €294 милиони. Ако ги гледаме како апсолутни бројки, зголемувањето на нивото на приватни трансфери е одлично бидејќи како дел од платниот биланс, тие имаат значајна улога во одржувањето на тековната сметка. Без ова ниво на приватни трансфери би се влошил дефицитот на тековната сметка а акумулацијата на девизни резерви значително би успорила.

Но многу побитно е да се открие причината за ваквиот нагорен тренд на тековните трансфери т.е. дали е тој предизвикан од зголемен број на семејства кои добиваат приватни трансфери или пак од зголемување на просечната вредност на приватни трансфери што семејствата ја добиваат годишно. За жал, истражувањата покажуваат дека ваквиот тренд е резултат на екстензивната а не интензивната маргина т.е. на зголемениот број семејства кои добиваат приватни трансфери бидејќи, просечната вредност на приватните трансфери по семејство останала скоро непроменета – околу 2000 евра годишно. Тука, на површина излегуваат негативните импликации на миграцијата – зголемено исселување поради неможноста да си обезбедат пристојни услови за живот во матичната земја. „Најстрашна“ е т.н. “brain drain” миграција – исселување на висококвалификувани работници кои со своето знаење и труд можат и тоа како да помогнат за економски развој на државата. Токму затоа, неопходно е да се превземат мерки со кои ќе се спречи излевањето на мозоци надвор од Македонија, и креирање на политики кои првенстевно ќе бидат насочени кон отворање нови работни места за да секој еден, согласно сопствениот капацитет и квалификации, успее да му овозможи на своето семејство живот „above the line“, како и подобри услови за живот кои ќе ги привлечат веќе иселените работници да се вратат назад кај своите семејства.

М-р Деспина Петреска
Економски аналитичар во "Finance Think"


Comments

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции