Skip to main content

Што потоа?


Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%. 


Извор: Finance Think


Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите:
  • Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза.
  • Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна поради намалената глобална побарувачка на нивните матични компании, ќе искусат и намалено производството. Поради глобалната криза и воздржаност од инвстиции приливите по основ на нови гринфилд инвестиции во следните години ќе биде отежнато.
  • Граѓаните ќе бидат погодени од повеќе аспекти. На дел од нив ќе им се намали приходот, а неизвесноста за идните приходи ќе расте. Дел од граѓаните вработени во погодените компании ќе ги изгубат работните мести, а на друг дел значајно ќе им се намалат шансите за вработување. Да не ги игнорираме и дознаките од странство, што кај многу семејства го одржуваа социјалниот баланс.
  • Стабилноста на банкарскиот систем не е загрозена во моментот. Но, нарушената ликвидност кај компаниите и граѓаните лесно може да се прелее кон банкарскиот сектор, да ги зголеми нефункционалните кредити и да го направи ранлив. А, стабилноста на банкарскиот систем влијае на економијата и ќе го отежни водењето на монетарната политика.

Досега, се донесоа два сета мерки за справување со економските последици од коронавирусот. И додека јавниот дискурс и носителите на политиките се`уште се „заглавени“ во прекројување на дизајнот  на овие мерки, скоро воопшто и да не се зборува за што потоа? Што по релаксирање/завршување на мерките за рестрикција на движењето? Имаме ли план за ревитализација на економијата откако состојбата со коронавирусот ќе се стабилизра? Во моментов, сите мерки се насочени кон ублажување на ликвидносниот шок, но неопходно е да размислуваме и за план за справување со последиците кои следат од нарушените синџири на добавување и намаленото производство, како и потенцијално среднорочно намалената побарувачка, а со цел ликвидносниот шок да не се претвори во солвентностна криза.
Несомнено, рестриктивните мерки и економијата не одат рака по рака. Колку подолга и поригорозна е забраната за движење, толку последиците по економијата ќе бидат поголеми. Затоа, компаниите кои поради мерките се затворени, треба што поскоро да започнат со работа. Но, со оглед дека се работи за дејности кои подразбираат интензивни контакти на луѓе, мора да постојат јасни правила и прописи на функционирање, кои ќе претставуваат баланс на продолжување на економската активност со истовремено следење правила кои го намалуваат ризикот од ширење на вирусот.

Производствените компании, може да бидат стожер на планот за ревитализација, и во таа насока треба да бидат насочени економсиките политики,  и тоа:
  • Прилагодување на производствените капацитети и производство на комплементарни производи согласно моменталните и потребите за следната година. За ова, потребно е да се мапираат моменталното производство и капацитети, и да се понуди план и евентуална финансиска поддршка за адаптација. Позитивен пример за ваква адаптација се текстилните компании од Прилеп кои започнаа да шијат медицниски маски.
  • Искористување на функционалните предности од одредени сектори и дејности. Секторите кои се функционални, а чија побарувачка ќе биде во раст, да се поттикнат и насочат кон поголемо производство. На тој начин, се создава потенцијал да ја апсорбираат работната сила од секторите со намалено или без производство. Во оваа група е секторот земјоделие, и дејностите од преработувачкиот сектор кои се однесуваат на производство на храна и пијалоци.
  • Искористување на кризата за јакнење на регионалната позиција кај странските инвеститори. Дел од странските инвеститори со лоцирани капацитети во повеќе земји или региони, очекувано е да преземаат стратегии за зголемување на ефикасноста и локализирање на производството. Оттука, треба да се размислува за форми кои не само што ќе ги задржат постојните мултинационални компании во земјата, туку и ќе ја зајакнат регионалната позиционираност. Тоа би значело да се идентификуваат и привлечат потенцијални инвестиции кои мајките-компании планираат да ги инвестираат во постојните компании во регионот. И второ, многу позначајно, да се мапираат веќе постоечките капацитети на странски инвестиции во земјата, кои имаат капацитет да го адаптираат своето производство и да преземат производство на компоненти или производи кои  матичната компанија ги произведувала на друга локација.
  • Ублажување на негативните последици врз пазарот на труд. Пазарот на труд имаше значаен напредок во изминатите години, но моменталниот шок може да го врати неколку години назад. Со цел да се намалат овие загуби, политиките мора да бидат насочени кон задржување на работните места, но и заштита на неформалните работници Дел од решенијата може да се преку редефинирање на договорите за вработување, типологијата на работните места, „позајмување“ на работната сила помеѓу сектори, привлекување и задржување висококвалификувана работна сила која поради глобалната состојба ќе се врати во земјата.

Навремениот план ќе овозможи простор за навремено креирани политики, поголема извесност на економските агенти и обезбедување финансиски средства за реализација на плановите, а сето тоа ќе ги ублажи негативните последици од корона-кризата. Навремен одговор значи донесување план денес, за реакција веднаш по релаксирање на рестриктивните мерки, без разлика дали тоа ќе биде скоро или по 3-4 месеци. 

Д-р Благица Петрески
Извршен директор на Finance Think

Comments

Popular posts from this blog

Невозвратена љубов од државата

„ Синот никогаш не сакаше да замине, секогаш велеше јас не сакам да живеам во странство. Ама , немаше доволно пари за живот овде, и мораше да замине “ – раскажува мајка на иселеник во рамки на интервјуата направени од Finance Think во рамки на проектот „Миграцијата како социјална заштита: Анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки“ поддржан од Регионалната Програма за Унапредување на Истражувањето.   Точно е. Сите заминале заради невозвратена љубов. Но, не љубов од човек на човек, туку љубов од држава (Македонија) на човек. Државата и институциите не успеале да ги „згрижат“ овие луѓе и да им обезбедат елементарни услови за живот, па истите морале да бараат љубов од друга земја. Длабинските интервјуа на 20 испитаници кои имаат најмалку еден член од семејството што живее и работи надвор од државава, покажаа дека сите се исселиле заради економски мотив. Неможноста да се најде работа и лошиот квалитет на живот се примарни причини што ги натерале овие ли

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд