Се раздвижи пазарот на кредити. Според Владата, како резултат на својот проект „Купи куќа – купи стан“, а според експертите како резултат на закрепувањето на економијата. Напоредно со тоа, порасна задолженоста на македонските домаќинства. Во октомври годинава, нивната вкупна кредитна задолженост изнесува рекордни 1.7 милијарда евра, што е за 11% поголема задолженост во однос на лани, односно за 50% поголема задолженост на граѓаните во однос на 2009 година. Податоците покажуваат раст на задолженоста со денарски кредити и пад на девизните кредити. Во вкупното кредитно портфолио, денарските кредити учествуваат со 94%, а само 6% од вкупните кредити се во странска валута. Кога не можете да одлеете на новиот заоблен ЛЕД телевизор, на мирисот на новиот парфем на Валентино, на модерните чевли од Зара, и ред други работи без кои животот и понатаму нормално би течел, тука се тие, нивното Височество, банките. Исто како фамозниот Дедо Мраз, тука се да ги исполнат сите ваши желби. ...