Skip to main content

Зголемување на пензиите, потреба или ирационалност?

Исплатените пензии во месец септември беа за 621 денар повисоки од претходните. Дополнително зголемување на пензиите е предвидено во дополнетиот предлог буџет за 2016 година. Додека 297.179 пензионер во земјава (ПИОМ) се радуваат на ваквото покачување, во јавноста се разгорува дебатата дали овој чекор на владата е потребен, рационален, издржан и во право време. 
Неколку насоки на размислување кои укажуваат на нерационалноста за зголемување на пензиите, се следните: 

Прво, пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатата година е околу 3 %,  додека растот на пензиите е 5%, што го надминува капацитетот на економијата. Графикон 1 покажува дека ваквиот „неусогласен“ тренд започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите, скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година, економијата во просек растела за 3,1% а пензиите за 2,9%, додека после 2008 година, економијата растела во просек 2,4% додека пензиите повеќе од двојно, 6,5%. Дополнително, во услови на ниска стапка на инфлација, скоро нула, не постојат притисоци за намалување на животниот стандард како резултат на зголемени трошоци на живот. Оттука, зголемувањето на пензиите е поголемо и од потребата за усогласување со трошоците на живот. 

Графикон 1

Второ, дефицитот во пензискиот систем континуирано расте во изминатите десет години, со забрзан интензитет од 2008 година (Графикон два). Делумно, овој раст се должи на исплатите кон вториот столб. Над 80% од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од буџетот на РМ. Истовремено, бројот на  осигуреници во однос на бројот на пензионери не се зголемува. Во 2014 година, за секој еден пензионер работеле 1, 8 осигуреник. А во најава се и мерки за откуп на стаж, со што бројот на пензионери ќе расте а соодносот осигуреник/пензионер ќе се намалува. На среден рок, веројатно ќе бидат потребни структурни промени за пензискиот систем да биде одржлив. Ние и идните генерации треба сериозно да размислуваме колкава ќе биде нашата пензија и кога ќе се пензионираме.

Графикон 2

Трето, често се оправдуваат зголемувањата на пензиите со изреката дека “новите генерации живеат од пензионерите, пензионерите се тие што го одржуваат животниот стандард“, но кој ги плаќа издатоците за пензии?. Тековната и идните генерации ги плаќаат зголемувањата на пензиите. Приходите во фондот за пензиско и инвалидско осигурување се главно по две основи, редовните извори од придонеси за плата и буџетот на РМ. Редовните придонеси за плата ги плаќаат лицата кои се во тековен работен однос, а приходите во буџетот ги плаќаат повторно тековните генерации. Покрај тековните генерации, буџетскиот дефицит ќе го исплаќаат и идните генерации.

И за крај, дали зголемувањето на пензиите може да се искористи на поинаков начин? Анализирано низ едноставен пример, за кој сите пензионери може да си дадат одговор. Дали своите  дополнителни 621 денари би ги дале за внуците да одат во градинка, да имаат подобри услови во училиштата, подобри здравствени услуги или да се поттикнат вашите невработени ќерки и синови да работат? Јас верувам дека сите баби и дедовци сакаат се најдобро за своите деца и внуци, и доколку имаат ваков избор, ќе ги отстапат своите дополнителни средства за подобра иднина на сегашните и идните генерации. 

Благица Петрески, докторант
Извршен директор во Finance Think

Comments

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции