Monday, March 20, 2017

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство

Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година.
Графикон 1: Буџет на Министерство за Здравство


Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани.
Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции, кои вклучуваат: реконструкција на јавните здравствени установи, набавка на медицинска опрема, изградба на нови клинички и дијагностички центри и слично. Но, од 2012 година, се забележува континуиран пад во износот на средства наменет за финансирање на овие инвестиции, и веќе во 2015 година, само 21% од вкупните расходи се наменети за капитални инвестиции. На сметка на нив, се забележува постојан раст на средствата наменети за финансирање на куративната заштита. За период од пет години, учеството на расходите за куративна заштита во вкупните расходи на МЗ, се зголемило за неверојатни 43 п.п (Графикон 2).
Графикон 2: Структура на расходи на Министерство за Здравство



Влошени здравствени услуги

И покрај зголемените инвестиции во здравството, анализата на одредени индикатори покажува влошување на состојбата со здравството во Македонија. На пример, според графикон 3, пристапот до примарна здравствена заштита, односно пристапот до болници, лекари и амбуланти кои вршат дневни лекарски услуги е намален од 92% во 2010, на 88% во 2015 година. Дополнително, според последниот извештај на ФЗОМ, бројот на стоматолози бележи зголемување од 6 проценти за последните 5 години но бројот на општи лекари и гинеколози се намалил за 12 и 3 проценти, соодветно.
Од друга страна пак, иако клиниките и државните болници се главните установи каде што се лекува најголем дел од населението, за четири години забележано е 18 процентно зголемување во бројот на случаи третирани во приватни болници. Дополнително, месечниот трошок за здравје, употребено од едно четиричлено домаќинство, во 2015 година изнесува 1248 денари, што е за 168 денари повисок трошок во однос на 2010 година. А, според податоците на Светска Банка пак, out-of-pocket или дополнителните трошоци за здравје како процент од вкупната потрошувачка за здравство изнесуваат 36.7 проценти што означува дека една третина од вкупните трошоци наменети за здравство ги плаќа населението од свој џеб што во основа е дополнителен трошок за граѓаните.

Графикон 3: Пристап и трошок за здравје



Дали намалените капитални инвестиции во здравствена инфраструктура, модерна опрема и нови центри за лекување водат до подобро здравство? Дали застарените програми за здравствена заштита водат до поздраво население? Дали намалениот пристап до основни здраствени услуги и зголемениот трошок за здравство, резултираат во тоа да, 11% од населението кое има потреба од лекарски преглед или лекување, не може да отиде бидејќи услугите се скапи или бидејќи треба предолго да чека?

М-р Иван В’чков
Економски аналитичар во Finance Think

Tuesday, June 14, 2016

Кога економијата е жртва на политиката

Политичката криза трае веќе една година. Проекциите за економскиот раст за минатата година беа надолно ревидирани од сите релевантни институции (ММФ; Светска Банка, НБРМ). За изненадување, годината ја завршивме со раст повисок од ревидираните проекции. И помисливме дека домашните бизнисмени се пожилави од тоа што сме процениле, а кризата ги зајакнала. Сепак, повисокиот раст се должеше на зголемената државна интервенција а бизнис секторот ги почуствува негативните последици.

Политичката криза го загуши бизнис секторот и економијата во Македонија. Истражувањата во светот покажуваат дека политичката нестабилност го намалува економскиот раст. Дека оваа нестабилност се одрази врз економските активности на бизнисот во Македонија може да се забележи и од учеството на бизнис секторот во економскиот раст (графикон еден). Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), евидентно е дека економскиот раст во минатата година беше поттикнат од државните инвестиции, главно во градежништвото. Владата силно реагираше на замирањето на активноста на приватниот сектор во втората половина од 2015 година, пришто учеството на растот на јавната потрошувачка во вкупниот раст на економијата во тој период е околу 50 проценти. Во периодот пред тоа, тоа учество било ниско или дури и негативно. Сето ова имплицира дека без зголеменото државно трошење со цел остварување на проектираниот раст - стапката на раст ќе изнесуваше околу 2.7 проценти во 2015 година.


Главен канал преку кој политичката криза влијае врз економскиот раст е неизвесноста кај економските субјекти која се одразува врз донесување тековни одлуки за инвестиции, потрошувачка, капитални текови, дури и врз побарувачката за работна сила. Дел од економските активности во Македонија се поттикнуваат преку државни политики, како што се мерките за привлекување странски инвестиции преку субвенционирање, мерките за вработување, зголемувањето на пензиите, субвенционирањето во земјоделството, поттикнувањето на градежништвото и сл. Дополнително, досегашната политика за поттикнување на растот е базирана на ниски и рамни даноци. Оттука, бизнис секторот, странските инвеститори, странските кредитори, но и населението се директно засегнати страни од неизвесноста на целокупното окружувањетои нивните одлуки се директно зависни од политиките кои ги засегаат.

Кој ја чуствува политичката криза?

Домашните компании најсилно ја чувствуваат неизвесноста, со оглед на тоа што нивната  целокупна  активност е директно засегната од домашните политики и окружувањето. Главно ќе се воздржуваат од инвестирање, посебно во капитални и долгорочни инвестиции. Но исто така, во услови на неизвесност, ќе ги одложат и стратешките инвестиции како воведување нови производи, иновации, проширување на производството и бројот на вработени. Политичката неизвесност може и да ја наруши соработката со странство, главно преку неизвесност за идни испораки на производи и услуги, навремено плаќање на производите и слично.

За разлика од домашните, странските инвеститори се најсензитивни. Во услови на несигурност за тоа какви ќе бидат економските политики, какво ќе биде регулаторното опкружување за водење бизнис ги одлагаат одлуките за инвестирање или инвестираат во земји со слични макроекономски услови но повисока стабилност. Во нашата ситуација, дел од стратегијата за привлекување на странските директни инвестиции беше преку субвенционирање. Можеби и главен мотив за инвестирање во земјата на странските инвеститори се токму овие субвенции. Во услови на неизвесност дали оваа политика ќе продолжи и во иднина, несигурност дали условите под кои била донесена одлуката за инвестицијата ќе останат исти, странските компаниија одлагаат одлуката за инвестиции. Според податоците на НБРМ, во првите два месеци од годинава има прилив од 39,5 милиони долари директни инвестици, што е 15,1 милион долари помалку во споредба со истиот период лани.

Од друга страна, политичкиот ризик е поврзан со цената на кредитите. Идните кредитори (домашни и странски) ќе го вкалкулираат политичкиот ризик во каматните стапки. Каматните стапки започнаа да растат уште во јануари оваа година со порастот на каматната стапка на државните хартии од вредност. FinanceThink во ФТ СТав бр.4, процени дека постојат ризици од понатамошни нагорни притисоци врз каматните стапки кои дополнително ќе се зголемуваат со порастот на основната стапка на државните хартии од вредност. Пред една недела, Народната банка на Македонија за прв пат после две години ја зголеми каматната стапка на благајничките записи од 3.25% на 4%. Ова зголемување беше поттикнато од шпекулациите за девалвација на денарот и зголемената побарувачка за девизи. Но, каматната стапка на благајничките записи е референтна стапка и се поизвесно е дека банките ќе го следат овој потег и ќе ги зголемат каматните стапки. Тоа, пак, може да го намали кредитирањето и да ја загрози ликвидносната ситуација на бизнис секторот во земјата.

На крај, граѓаните ќе ја платат „сметката“

Покрај негативните ефекти врз краткорочните одлуки на економските субјекти, политичката криза и неизвесноста ќе се одрази и врз јавниот долг и структурните реформи. Прво, високата јавна потрошувачка ќе генерира повисоко задолжување. Второ, не постојат механизми за контрола на дополнителното задолжување во услови на политичка неизвезност, како на пример, правило за износот на позајмување да биде ист со износот на доспевање, или одлуката за задолжување да се носи на фискален совет. Сето тоа ќе ја одложи консолидацијата на јавните финансии, која беше главна економска препорака од Извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија 2015 и ММФ. Трето, спроведувањето на структурните реформи за поттикнување на економијата ќе биде стопирано и одложено, а што дополнително ќе ги забават економските текови на бизнис секторот.

Севкупните ефекти од политичката криза ќе го забават економскиот растза оваа година. НБРМ ја намали проекцијата за раст на БДП од 3.8% на 3.5% (основно сценарио) и 1.6% (песимистичко сценарио) за 2016 година. Според FinanceThinkдоколку извршувањето на јавната потрошувачка продолжи со иста динамика во целата 2016 како во втората половина од 2015 година, тогаш растот на економијата би изнесувал околу 3.8%. Без надоместувањето што го обезбедува високиот раст на јавната потрошувачка, растот на вкупната економија би изнесувал околу 2.2% во 2016.

Политичката криза да послужи како лекција


Со цел да се намалат штетите врз економијата, потребно е што поскоро разрешување на политичката криза. Кризата треба да послужи како лекција, економијата треба да биде отстапена и движена од бизнис секторот. А бизнис секторот како најзасегната страна, потребно е да биде активно вклучен во креирањето политики, но да биде и гласен коректор на неповолните движења за нив. 

Благица Петрески, докторант
Извршен директор во Finance Think

Sunday, April 24, 2016

Политичката криза почна да ја разорува економијата


Светска Банка донесе одлука да ја прекине втората фаза од Програмата за подобрување на општинските услуги во Македонија со која требаше да се обезбедат заеми за инвестиции во инфраструктурата во 57 општини во земјава (снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрување на енергетската ефикасност на општинските згради и друга општинска инфраструктура со висок приоритет). За да се реализираат овие планирани проекти, Владата и општинските власти ќе треба планираните средства да ги обезбедат од други извори, или во најлош случај, да се откажат од нивна реализација. Но, спорна е и првата опција, финансирање на проектите од други извори. Веќе почнаа да доаѓаат „закани“ за целосно стопирање на кредитирањето и од Европската Комисија и други институции под надлежност на ЕУ. Во ваква ситуација, задолжувањето на странски пазар и позајмување пари од приватни инвеститори е опција за прибирање на потребните средства за реализација на планираните активности. Но, ваквиот начин на финансирање може да биде многу скап. Актуелната политичка криза значително ќе ја зголеми цената на странските кредити бидејќи инвеститорите (ќе) го вкалкулираат и политичкиот ризик, што во моментов е многу голем. 

Од друга страна пак, сведоци сме на задолжување на домашниот пазар скоро секоја недела. Во нормална економија, државните хартии од вредност се сметаат за безризични. Но, два аргументи зошто македонските државни хартии од вредност не спаѓаат во категоријата безризични:
  •      Ситуацијата во земјава не може да се опише како нормална;
  •        Овие средства најчесто се позајмуваат за враќање на стари долгови или за финансирање на тековни потреби, кои што не придонесуваат за економскиот просперитет на земјава.

Тоа значи дека домашните кредитори треба сериозно да ја преиспитаат способноста на владата за отплата на долговите на долг рок.

Меѓународната финансика изолација, скапите кредити на странските пазари и непродуктивното трошење на парите добиени од домашни кредитори, еден ден (насокоро) може скапо да не чинат нас и идните генерации. Ќе се соочиме со бавен економски раст, влошување на витални економски индикатори, намален животен стандард, повисоки стапки на невработеност и сиромаштија. Тоа ќе не врати 20 години назад, а најголеми губитници ќе бидеме ние, граѓаните.

Деспина Туманоска
Програмски координатор

Finance Think – Институт за економско истражување и политики

Tuesday, January 12, 2016

Невозвратена љубов од државата

Синот никогаш не сакаше да замине, секогаш велеше јас не сакам да живеам во странство. Ама, немаше доволно пари за живот овде, и мораше да замине“ – раскажува мајка на иселеник во рамки на интервјуата направени од Finance Think во рамки на проектот „Миграцијата како социјална заштита: Анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки“ поддржан од Регионалната Програма за Унапредување на Истражувањето.  

Точно е. Сите заминале заради невозвратена љубов. Но, не љубов од човек на човек, туку љубов од држава (Македонија) на човек. Државата и институциите не успеале да ги „згрижат“ овие луѓе и да им обезбедат елементарни услови за живот, па истите морале да бараат љубов од друга земја. Длабинските интервјуа на 20 испитаници кои имаат најмалку еден член од семејството што живее и работи надвор од државава, покажаа дека сите се исселиле заради економски мотив. Неможноста да се најде работа и лошиот квалитет на живот се примарни причини што ги натерале овие лица да ги напуштат своето семејство и татковина. Зборовите „Таа живееше овде, дипломираше и не можеше да најде работа. Затоа замина“ и „Заминаа бидејќи се со факултети, но не можеа да најдат работа, а имаат и дете. Не можеа да се снајдат, и заминаа“ потврдуваат дека никој не заминал заради емотивни причини, туку во потрага по подобар живот. Тоа го потврдуваат и резултатите од Анкетата за дознаки, спроведена во 2012 година на репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Графикон: Причини за исселување од Македонија



И не само што заминале за да си обезбедат поквалитетен живот себеси, туку ги одржуваат во живот и нивните семејства што останале да живеат овде. Поразителен е фактот дека без парите од иселениците, семејствата би биле многу поранливи, а земјава уште посиромашна. „Ми праќаат децата пари, за да можеме овде да преживееме и да ги платиме трошоците“ – вели мајка на иселеник во Англија, а друга раскажува „Ако немам некои мали финансии од ќерката од Швајцарија, јас не можам да живеам“.

Анализата на Finance Think покажа дека семејствата што примаат дознаки, а тоа значи дека имаат најмалку еден иселеник, се поздрави, подобро облечени, подобро нахранети и се соочуваат со помала веројатност да станат сиромашни. Тоа значи дека живееме во време „тешко на она семејство што нема иселеник во странство“.

И за крај, да ја спомнеме и љубовта. Непреболената љубов од родител за дете заради невозвратената љубов од Македонија кон истото тоа дете. Овие зборови на родител чие дете веќе 8 години живее стотици километри оддалечено од него, најдобро ја опишуваат таа љубов:
Мене ми е многу тешко што сум сама. Јас, како и секоја мајка сакам децата да ми се тука, ама ако децата не се среќни а живеат овде, јас би сакала да се среќни, иако не се со мене. А гледам дека се среќни таму, бидејќи имаат убави услови за живот, доволно пари за живот. Додека беа овде, не можеа ни на одмор да појдат, ни нешто во куќата да средат. А сега, сега гледам дека се среќни, дека имаaт за  одмор, дека имаат и мене да ми пратат и да појдам таму, и кога ќе се вратат овде, си купуваат и си трошат. Реновираа дома еве оваа година, и в година планираат куќата целосно да ја реновираат. А овде, немаше никогаш да успеат во тоа.“

Деспина Туманоска
Програмски координатор во Finance Think

Monday, November 30, 2015

Зголемување на пензиите, потреба или ирационалност?

Исплатените пензии во месец септември беа за 621 денар повисоки од претходните. Дополнително зголемување на пензиите е предвидено во дополнетиот предлог буџет за 2016 година. Додека 297.179 пензионер во земјава (ПИОМ) се радуваат на ваквото покачување, во јавноста се разгорува дебатата дали овој чекор на владата е потребен, рационален, издржан и во право време. 
Неколку насоки на размислување кои укажуваат на нерационалноста за зголемување на пензиите, се следните: 

Прво, пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатата година е околу 3 %,  додека растот на пензиите е 5%, што го надминува капацитетот на економијата. Графикон 1 покажува дека ваквиот „неусогласен“ тренд започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите, скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година, економијата во просек растела за 3,1% а пензиите за 2,9%, додека после 2008 година, економијата растела во просек 2,4% додека пензиите повеќе од двојно, 6,5%. Дополнително, во услови на ниска стапка на инфлација, скоро нула, не постојат притисоци за намалување на животниот стандард како резултат на зголемени трошоци на живот. Оттука, зголемувањето на пензиите е поголемо и од потребата за усогласување со трошоците на живот. 

Графикон 1

Второ, дефицитот во пензискиот систем континуирано расте во изминатите десет години, со забрзан интензитет од 2008 година (Графикон два). Делумно, овој раст се должи на исплатите кон вториот столб. Над 80% од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од буџетот на РМ. Истовремено, бројот на  осигуреници во однос на бројот на пензионери не се зголемува. Во 2014 година, за секој еден пензионер работеле 1, 8 осигуреник. А во најава се и мерки за откуп на стаж, со што бројот на пензионери ќе расте а соодносот осигуреник/пензионер ќе се намалува. На среден рок, веројатно ќе бидат потребни структурни промени за пензискиот систем да биде одржлив. Ние и идните генерации треба сериозно да размислуваме колкава ќе биде нашата пензија и кога ќе се пензионираме.

Графикон 2

Трето, често се оправдуваат зголемувањата на пензиите со изреката дека “новите генерации живеат од пензионерите, пензионерите се тие што го одржуваат животниот стандард“, но кој ги плаќа издатоците за пензии?. Тековната и идните генерации ги плаќаат зголемувањата на пензиите. Приходите во фондот за пензиско и инвалидско осигурување се главно по две основи, редовните извори од придонеси за плата и буџетот на РМ. Редовните придонеси за плата ги плаќаат лицата кои се во тековен работен однос, а приходите во буџетот ги плаќаат повторно тековните генерации. Покрај тековните генерации, буџетскиот дефицит ќе го исплаќаат и идните генерации.

И за крај, дали зголемувањето на пензиите може да се искористи на поинаков начин? Анализирано низ едноставен пример, за кој сите пензионери може да си дадат одговор. Дали своите  дополнителни 621 денари би ги дале за внуците да одат во градинка, да имаат подобри услови во училиштата, подобри здравствени услуги или да се поттикнат вашите невработени ќерки и синови да работат? Јас верувам дека сите баби и дедовци сакаат се најдобро за своите деца и внуци, и доколку имаат ваков избор, ќе ги отстапат своите дополнителни средства за подобра иднина на сегашните и идните генерации. 

Благица Петрески, докторант
Извршен директор во Finance Think

Friday, October 23, 2015

Колку јавната администрација ја чини државата?

Во изминатиот период актуелна е темата колку има вработени во јавниот сектор. Со оглед на тоа дека нема конкретни информации на тоа колку луѓе се вработени во јавната администрација, бројките се енигма. Многубројните огласи за вработување на Агенцијата за Администрација создаваат слика дека државата е впрочем и најголемиот работодавач и двигател на вработеноста во Македонија. Но, покрај квантитетот на огласите, јавниот сектор е атрактивен и од аспект на плата. Вработените во јавната администрација во просек добиваат 18% повисока плата од просекот на цела земја. Според Државниот Завод за Статистика, просечната нето-плата по вработен во 2014 била 21.393 денари, додека просечната плата во јавната администрација и одбраната изнесувала 25.252 денари. Следствено, се појавува прашањето колку ја чини државата јавната администрација? Во просек, на годишно нивно, државата троши околу 22 милијарди денари за плати и надоместоци на јавната администрација. Иако, овој издаток не забележува драстичен раст низ годините, овие бројки сепак преставуваат влијателен притсок врз раcходите во буџетот на Македонија.





Платите и надоместоците учествуваат дури со 13% во вкупните расходи кои државата ги планира за 2015 и се втори по големина после социјалните трансфери. Нивното учество е поголемо и од планираните капитални расходи кои се трети по големина и изнесуваат 12% во вкупните расходи. За разлика од платите и надоместоците, капиталните расходи имаат развојна компонента и би поттикнале економски развој и социјална стабилност во државата. Од друга страна, консолидирањето на буџетскиот дефицит е една од главните препораки од меѓународните институции. Планираниот буџетски дефицит за 2015 е 32% помалку отколку платите и надоместоците кои се планирани за 2015. Па, веројатно ставката за плати и надоместоци во иднина дава можност да биде сметана како потенцијален коректор за буџетскиот дефицит.

Иван Вчков
Економски аналитичар во Finance Think

Tuesday, September 22, 2015

Испратени пари

Во потрага по парче леб и подобар живот, дури 247 милиони луѓе во светот живеат и работат надвор од својата татковина и во 2014 година им испратиле 436 милијарди долари на своите семејства што останале да живеат дома.

Во Македонија, во 2014 година, влегле 367 милиони долари по основ на дознаки, што е  најмал износ во однос на примените дознаки во земјите од регионов. Но тоа не значи дека овој износ не е доволен, бидејќи истиот изнесува 3.7% од БДП и е далеку поголем од примените странски директни инвестиции и официјалната развојна помош, 127 и 252 милиони долари соодветно. Тоа значи дека државата ужива големи придобивки од овие средства и токму таа треба правилно да го канализира и поддржи засега неискористениот развоен потенцијал на овие средства. 

Графикон: Примени дознаки во 2014 година


Но, не „ужива“ само државата. Најголеми придобивки од примените дознаки имаат токму примателите на овие средства. Во земјава, 20% од семејствата примаат, во просек, по 2500 евра дознаки годишно. Истражување на Finance Think покажа дека, дознаките се клучен ресурс со кој голем број семејства обезбедуваат егзистенција; пред се сиромашните семејства кои 90% од својата потрошувачка ја финансираат токму со овие средства. Примателите на дознаки се поздрави, пообразовани, подобро нахранети и облечени во однос на семејствата кои не примаат дознаки, и имаат помала веројатност да станат социјално ранлива категорија граѓани.

Дали истиве овие сознанија важат и на национално ниво, односно, дали во земјите со повисоки приливи на дознаки живее пообразован и поздрав народ, покажува следниот графикон. Ако како индикатор за степенот на образвование се земе индикаторот на Светска Банка за процент на запишани ученици во високо образование, нагорниот тренд покажува дека во земјите од регионов, што примаат поголеми износи на дознаки, поголем процент од учениците се запишуваат во високо образование. Позитивната врска помеѓу очекуваниот животен век и нивото на примени дознаки, потврдува дека во овие земји живее поздрав народ. Дополнителна потврда за тоа, е позитивниот однос помеѓу дознаките и приватните трошоци за здравствени услуги, што покажува дека жителите на земји со повисоки приливи на дознаки имаат на располагање повеќе сопствени средства за да платат вакви услуги. 

Графинок: Однос помеѓу примени дознаки и индикатори за образование и здравје




Сето ова, го потврдува огромното значење на дознаките, и за државата и за примателите кои  ги користат како неформален инструмент за сопствена социјална заштита. 

Деспина Петреска
Економски аналитичар во Finance Thnik