Секој осми март може да се забележи
една иста слика: се подаруваат цвеќиња, кармини и слични дреболии, се прославува
по ресторани и кафулиња и се организираат различни веселби по повод денот на
жената. Зарем жените се толку еднакви во општеството па повеќе нема за што да
се борат?
Само 39.5% од вработените се жени, а
дури 64% не се активни на пазарот на труд. Сеуште, во нашето општество имаме
стереотипни размислување дека грижата за семејството и децата е главно обврска на жената. Тоа го покажува и
статистиката, бидејќи скоро половина од жените кои не се активни на пазарот на
труд, како причини ги наведиле грижата за семејните обврски (34%) и одгледувањето
деца и стари лица (10%). Од друга страна се вработените жени, кои успеале да се
вклучат во општеството, финансиски се помалку зависни и се борат нивниот глас
да се слушне и да предизвика некоја промена. Но, повторно постои нееднаквост.
Нивните колеги мажи во просек имаат повисока плата за дури 10%. Дополнително, напредокот во кариерата
и пристапот до раководни позиции изгледа
е потежок за жените. Па, ако жена и маж имаат исто образование, стаж, искуство,
вештини, зошто тогаш не напредуваат исто? Можеби фактот што жената е
истовремено и мајка и има поголеми други обврски како неплатен семеен работник
ги објаснува овие разлики. Во нашето општество често жените се на крстосница да
ја жртвуваат кариерата и да се задоволат само со тоа што се некаде вработени
или да го жртвуваат семејството на сметка на кариерата. Борбата е овде. Жените
треба да се изборат да не постои оваа крстосница, да можат истовремено да бидат
и мајки, сопруги но и лидери во општеството и општествените промени.
Па, драги мои дами, разлислете повторно дали треба да
се слави осми март или пред нас постојат уште многу предизвици за кои треба да
се избориме.
Благица Петрески, докторант
Главен економист во Finance Think
Comments
Post a Comment