Skip to main content

Кратка черга

Народот рекол: “Пушти си ги нозете колку што ти е долга чергата“. Или, троши онолку колку што имаш. Го почитува ли ова и државата кога ги троши буџетските средства?

Многу економски експерти сметаат дека буџетски дефицит до 3% од БДП не само што не е лош индикатор, туку истиот овозможува раст и експанзија на економијата. Но, на македонската „черга“ се пуштиле малку подолги „нозе“. Според податоците презентирани на графикот, буџетскиот дефицит за 2014 година се очекува да биде 3,7% од БДП и бележи пораст за околу 1.5 процентни поени од 2012 година до денес, споредено со периодот пред тоа. 



Прашањето е што го генерираше ваквиот дефицит во годините после кризата, пониски приходи или поголемо трошење? На страната на приливите забележан е забавен раст на даночните приходи, како резултат на негативниот ефект врз потрошувачката и намалените приходи од ДДВ. Од друга страна, капиталните приходи бележат пораст, што најмногу се должи на продажбата на државното земјиште по поволни цени. Но, иако приходите не се намалиле, јавните трошења имале поголем раст и генерирале буџетски дефицит.  

Доколку ги следиме препораките на признати економисти, кејнзијанската школа и преземените мерки од развиените земји, со цел да се поттикне потрошувачката и економскиот раст во услови на економска криза, потребна е државна интервенција и зголемување на трошењето. Уште во 2008 година Европската Унија донесе план за стимулирање на трошењето и земјите членки ги зголемија буџетските трошоци. Оттука, зголеменото трошење е во линија со развиените земји. Но, на што се трошат буџетските пари, дали и во овој дел сме во иста линија со светските економии? Во буџетот, тековните расходи се доминантни наспроти капиталните кои учествуваат со околу 9% од вкупните расходи. Следствено на тоа, од 2009 година паралелно со порастот на дефицитот забележан е и пораст главно на тековните расходи: платите на јавната администрација, субвенциите и социјалните трансфери. За разлика од нас, во стимулативните планови на земјите од ЕУ првенствено се трошело на инвестиции кои ќе го поттикнат долгорочниот раст, и тоа: инвестиции во инфраструктура (Германија), стратешки индустрии (автомобилска индустрија во Франција, секторот за недвижности во Велика Британија), поттикнување на енергетски ефикасни технологии, подобрување на ликвидноста на компаниите и социјални користи за лицата погодени од кризата.

Разликата е лесно забележлива, зголемените трошења во споменатите земји од ЕУ се капитални инвестиции, кои на среден рок ќе генерираат приходи и ќе успеат да ја издолжат „чергата“, додека во Македонија останува да видиме како ќе ги покриеме нозете.

Благица Петрески, докторант
Главен Економист во "Finance Think" 

Comments

Popular posts from this blog

Што потоа?

Меѓународните институции веќе излегоа со проекции за македонската економија. Светска Банка предвидува пад на економската активност од 0,4%, додека Меѓународниот Монетарен Фонд проектира пад од 4% за 2020 година. Finance Think проектира вкупен економски пад за 2020 година од -3.8%.  Извор: Finance Think Иако постојат низа неизвесности, две работи се сигурни: 1) економијата ќе искуси рецесија, и 2) економските текови нема да бидат исти по корона-кризата. Последиците од Ковид- 19 ќе ги погодат сите: Домашните компании, ќе страдаат поради ограничена побарувачка од граѓаните која во моментов е сведена на храна и лекови. Компаниите чии производи/услуги не се во оваа група основни производи искусуваат голем шок на побарувачката за нивните производи. Дел од компаниите нема да ја преживеат оваа криза. Странските инвестиции во земјата кои се дел од глобалните синџири на добавување,  веројатно ќе се соочат со потешкотија да набават инпути за производство, а од друга страна

Пандемиската инфлаторна сага

  Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти кои внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација. Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период. Прво , цените на горивата искусија значајни   циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд

Инвестиции и состојби во Македонското здравство

Зголемени инвестиции во здравство Буџетските средства наменети за Министерството за здравство континуирано се зголемуваат. За пет години, владините инвестиции во здравството пораснале за 3.7 милијарди денари, или од 0.49% од БДП во 2010, на 1.05% во 2015 година . Графикон 1 : Буџет на Министерство за Здравство Најголем дел од расходите на министерството се трошат за финансирање на трите главни програми: капитални инвестиции, превентивна здравствена заштита и куративна здравствена заштита. Куративната здравствена заштита вклучува бесплатни мерки за лекување на одредени заболувања и превенција и унапредување на здравјето на населението, а особено за ранливите категории на граѓани. Покрај зголеменото финансирање на буџетот на МЗ, во изминатите пет години се забележани и значајни измени во структурата на расходите. Имено, до 2012 година, приоритетни биле капиталните инвестиции, со оглед на тоа што над 40% од вкупните расходи се издвојувале за финансирање на овие инвестиции