Меѓународната миграција – движењето на луѓето помеѓу меѓународните граници – има огромно влијание врз двете земји: земјата на потекло на мигрантот и земјата во која мигрира. Но, можеби подобро е да се каже дека миграцијата има влијание врз светскиот доход. Ако на работникот му се дозволи да работи таму каде што е најпродуктивен, миграцијата ќе резултира со зголемување на светскиот аутпут и доход. Според Обединетети Нации, повеќе од 215 милиони луѓе, што е околу 3% од светската популација, живеат и работат надвор од својата матична земја. Според статистиката на Светска Банка, вкупните приватни трансфери испратени во земјите во развој се движеле од $168 милијарди во 2005 година, $406 милијарди во 2012 година, а се очекува во 2015 година да достигнат $534 милијарди. Овие бројки укажуваат на фактот дека приватните трансфери се најзначајниот извор на девизни приходи, кои ги надминуваат дури и приходите од извоз, странските директни инвестиции, странската помош и другите видови приватни текови.
Постојната литература покажува дека генерално, приватните трансфери го намалуваат нивото и сериозноста на сиромаштијата и често водат до: повисока акумулација на човечки капитал, поголеми трошоци за здравство и образование, поголем пристап до информациски и комуникациски технологии, подобрен пристап до формалниот финансиски сектор, инвестиции во мал бизнис и претприемништво, намалување на детскиот труд и помагање на семејствата да бидат подобро подготвени за негативни шокови како: суши, земјотреси и циклони. Сите овие „последици“ од тековните трансфери, заедно со зголеменото штедење, инвестиции, производство, водат до зголемен економски раст, кој пак е неопходен за зголемување на благосостојбата на луѓето во целина.
Македонците имаат долга традиција за мигрирање. Иако се познати најпопуларните дестинации за миграција (САД, Австралија и Канада), не е познат официјалниот број на македонски мигранти, но се претпоставува дека 350-700 илјади македонци живеат и работат надвор од Македонија. Приватните трансфери претставуваат значаен доход за македонските семејства и значаен извор за финансирање на дефицитот на тековната сметка – од 2007 година тие во просек изнесуваат 4% од БДП. Интересно е тоа што тие имаат нагорен тренд и покрај неодамнешната светска криза – во 2008 година, пред кризата, приватните трансфери изнесуваа €277 милиони, додека во 2012, после кризата, изнесуваат €294 милиони. Ако ги гледаме како апсолутни бројки, зголемувањето на нивото на приватни трансфери е одлично бидејќи како дел од платниот биланс, тие имаат значајна улога во одржувањето на тековната сметка. Без ова ниво на приватни трансфери би се влошил дефицитот на тековната сметка а акумулацијата на девизни резерви значително би успорила.
Но многу побитно е да се открие причината за ваквиот нагорен тренд на тековните трансфери т.е. дали е тој предизвикан од зголемен број на семејства кои добиваат приватни трансфери или пак од зголемување на просечната вредност на приватни трансфери што семејствата ја добиваат годишно. За жал, истражувањата покажуваат дека ваквиот тренд е резултат на екстензивната а не интензивната маргина т.е. на зголемениот број семејства кои добиваат приватни трансфери бидејќи, просечната вредност на приватните трансфери по семејство останала скоро непроменета – околу 2000 евра годишно. Тука, на површина излегуваат негативните импликации на миграцијата – зголемено исселување поради неможноста да си обезбедат пристојни услови за живот во матичната земја. „Најстрашна“ е т.н. “brain drain” миграција – исселување на висококвалификувани работници кои со своето знаење и труд можат и тоа како да помогнат за економски развој на државата. Токму затоа, неопходно е да се превземат мерки со кои ќе се спречи излевањето на мозоци надвор од Македонија, и креирање на политики кои првенстевно ќе бидат насочени кон отворање нови работни места за да секој еден, согласно сопствениот капацитет и квалификации, успее да му овозможи на своето семејство живот „above the line“, како и подобри услови за живот кои ќе ги привлечат веќе иселените работници да се вратат назад кај своите семејства.
М-р Деспина Петреска
Економски аналитичар во "Finance Think"
Comments
Post a Comment